Во пресрет на денот на Григор Прличев, 06 февруари, ЛК Лихнидос презеде акција за реосветлување на неговите најзначајни обележја во Охрид: родната куќа, бистата во дворот на основното училиште кое го носи неговото име, бистата лоцирана во строгиот центар, пред градската библиотека, како и неговото вечно почивалиште, во дворот на црквата Св. Богородица Перивлепта.

Осветлувањето на Прличевите спомен – обележја е дел од проектот ‘Охрид – град на светлината’. На овој начин клубот Лихнидос изразува длабока почит кон големиот македонски поет, писател и преродбеник од XIX век. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.

Ваквите активности имаат посебна вредност, имајќи ја предвид разноликоста на институциите кои се инволвирани и различната политичка определеност на нивните раководни лица, додаде тој.

Покрај одличната соработка со локалната самоуправа, за оваа акција неопходна беше добра комуникација и со директори на едно основно училиште и на две национални установи (Завод и Музеј – Охрид и Градската библиотека). И сите, без исклучок, дадоа безрезервна поддршка на акцијата за осветлување, покажувајќи голем респект кон Прличев, но и љубов кон Охрид. Верувајте ми, минатата година тоа не беше возможно. – потенцираше Проф. Тунтев.

OhridNews