Жителите од ул. „Браќа Миладиновци“ во заштитеното градско јадро повторно го актуелизираа стариот проблем со изградба на нови објекти на место каде некогаш имало куќи кои како што тврдат мештаните биле значително помали во габарит и висина. Тие за случајот поднеле пријава до јавното обвинителство за кривична одговорност на раководните лица во надлежните институции за заштита на културното наследство на државно и општинско ниво.
Од Заводото и Музеј Охрид потврдуваат дека е поднесена пријава до обвинителството за посочениот случај, но тврдат дека истата е неоснована.
-И тогаш и сега одговорно тврдам дека Заводот и Музеј Охрид во посочениот случај постапи законски. Куќата на ул. „Браќа Миладиновци“ која е предмет на пријавата е изградена согласно Деталниот урбанистички план и Законот за Охрид и доколку имало било какви отстапувања во изготвување на потребната документација требало да реагира Министерството за транспорт и врски кое ја издава дозволата за градба.-ни изјави Тања Паскали Бунташеска, директор на охридскиот Завод и Музеј.
Слични реакции има и за други нови градби во стариот дел на градот. Тоа според одговорните се должи на специфичниот терен со големи нагиби, каде што влезовите на објектите се утврдуваат од горната улица, а во самиот терен објектите добиваат плус кат висина.
OhridNews












