Од 7 април, петок, повторно се гради кај објектот во близина на Самоилова тврдина велат во дописот до медиумите жители на Стариот дел од градот, кои претходно реагираа дека на само 30 метри од влезот бесправно се гради објект со кој се прекршуваат правилата и прописите на УНЕСКО за заштита на културното и историско наследство. И од надлежните служби тогаш информираа дека се преземени сите потребни мерки и дека нема издадено одобрение за градба.
На 1 април донесен е градежен материјал. На 4 април пријавена е подготовката за градба во надлежните институции, градежната инспекција на Општина Охрид и националната установа за заштита на културното наследство Завод и музеј- Охрид. Сопственикот на земјиштето направил претходни подготовки за да ги врши нелегалните градежни активности затскриено, односно поставил метални тезги, барикади на пристапот до местото и го заобиколил цело место со зелена земјоделска мрежа, за да не можат да се видат активностите позади мрежата, велат во дописот.
Но, новата дивоградба почнува да се гради после само 2 месеци од градбата на првата дивоградба додаваат.
На 09.04.2023 потпорниот ѕид е камуфлиран, скриен со црн најлон, зелена мрежа итн, за да не биде воочлива новата дивоградба. Првата дивоградба од сите надлежни инспекциски увиди беше карактеризирана како нелегална, и беше побарано од сопственикот да го врати земјиштето во првобитна состојба, во спротивно ќе следеле соодветни пријави, но не само што не се врати во првобитна состојба, (се срушија плочата и столбовите, а остана бетонскиот потпорен ѕид и не се врати ископаното земјиште на истото место) туку денес сме сведоци на нова дивоградба во најзаштитениот (во теорија) простор во стариот дел на градот, на само 30 метри од влезот на Самоиловата тврдина, потенцираат.
Ова веќе е поигрување и потсмевање со инспекциските служби при градежна инспекција Охрид, Завод и музеј Охрид, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Управа за заштита на културно наследство, кои за првата дивоградба направија увид, потсмев на нивниот професионализам, потсмев на градоначалникот, потсмев на министерство за култура, потсмев со загрозениот статус на Охрид во УНЕСКО, и најболното – потсмев со нас обичните граѓани кои се бориме Охрид да ги зачува своите културни наследства, да го зачува својот статус во УНЕСКО и се повеќе и повеќе да го афирмираме само во позитивна конотација, додаваат во дописот.
OhridNews














