Во текот на изминатите неколку дена на дел од националните телевизии повторно започнаа да се прикажуваат рекламните спотови од владината кампања „ Ти си лицето на твојата земја, од туризмот сите добиваме “, која беше снимена во 2012 година. Во спотовит се прикажува како издавачите на станови, пазарџиите, таксистите и келнерите несоодветно се однесуваат со туристите, а водителот во спотовите ги претставува како ендемични видови.

Прикажувањето на овие спотови слично како и пред две години наиде на остри критики кај охридските туристички чинители. Според нив,нивното прикажување пред почетокот на туристичката сезона може негативно да се одрази врз домашните туристи кои имаат намера да летуваат во Охрид.

-Не ми е јасно зошто ги прикажуваат спотовите баш сега пред почетокот на сезоната, навистина е штета. Толку пари се потрошени за оваа кампања, а ефектот е катастрофален.  Наместо да влијае позитивно врз бројот на туристи кои ќе дојдат во Охрид ова лето, оваа кампања може да предивика само намалување на туристите, вели еден приватен станоиздавач од Охрид, со кој разговаравме на оваа тема.

Со сличен став се и туристичките работници кои работат со ин-каминг туризам.

-Оваа кампања се прикажува единствено во Македонија така што дефинитивно може да влијае негативно само врз домашните туристи. Сметам дека треба да престанат да се прикажуваат овие спотови, коментираат  дел од вработените во туристичките агенции во Охрид.

Во 2012 година имаше и билборди

Оваа кампања наиде на негативни критики кај охриѓани и во 2012 година, кога истата беше промовирана. Тогаш со реакција излезе и охридската локална самоуправа, од каде што бараа  итно повлекување на видео спотовите во кои според нив се исмејуваат туристичките работници и македонските граѓани.

Дека видео спотовите од владината кампања „Ти си лицето на твојата земја, од туризмот сите добиваме “ ќе имаат контра ефект врз туризмот, покажа и он-лајн анкетата на OhridNews, која беше направена во 2012 година. Според тогашните податоци, точно 64 % или 762 читатели одговориле дека овие владини  реклами поврзани со туризмот ќе постигнат контра ефект, додека пак 36 % или 418 испитаници, сматале дека прикажувањето на рекламите ќе донесе позитивни ефекти во туристичката сфера.

OhridNews