Пожар избил вечерва околу 19 часот во местата викани Габреш и Ограждени помеѓу селата Велгошти и Рамне, во Националниот парк Галичица. Информацијата за OhridNews ја потврдија од Професионалната противпожарна единица од Охрид, чии екипи веднаш по дојавата од граѓани се упатиле кон местото каде беснее огнената стихија. За пожарот информирана била и управата на Националниот парк, чии тимови исто така се упатиле кон местото на настанот.
Фото: Илустрација
Според првичните информации од теренот, гори поголема површина со смрека, но засега нема опасност ниту по населението, ниту по објектите од околните населени места и дека простор за паника нема, велат стручњаците. Поради непристапниот терен и слабата видливост, пожарот засега само се набљудува, а противпожарната служба и Националниот парк кои се во заедничка координација, одлучиле екипите за гаснење кои се во состојба на подготвеност, да се упатат на местото зафатено од пожарот во раните утрински часови.
Се претпоставува дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.
Деновиве се забележани уште два пожари на планините во охридско, за кои исто така постои сомнеж дека се предизвикани од сточари кои палат огон на отворено за да се стоплат на студеното време.
OhridNews
фото: илустрација