Едно лице загина од удар од гром, а романски алпинист е исчезнат на планината Олимп, каде температурата паднала до нулата. Според првичните информации, нема загрозени Македонци во невремето што вчера ја зафати Грција. Во вчерашното невреме на вториот крак на грчкиот полуостров Халкидики десетици продавници, куќи и патишта во регионот на Солун и Ситонија останаа под вода. Во летувалиштето Порто Карас поради надојдените води властите ги евакуирале туристите. Поројниот дожд на неколку места предизвика и свлечишта.

Поројни дождови и во Турција. Истанбул утринава е парализиран поради врнежите кои од синоќа се со несмалена јачина. За еден час наврнале 50 литри дожд на квадратен метар. Поројните врнежи ги поплавија улиците и многу квартови од градот. Водата навлегла во куќи, канцеларии и возила. Турските медиуми пренесуваат дека во двата дела на градот по улиците течат реки. Телевизиите емитуваат снимки од луѓе што пловат или се обидуваат да минат преку водите што течат како реки. Сообраќајот е блокиран, а на мостовите над Босфор се формирани долги колони возила. Многу луѓе не можат да дојдат до своите работни места. Од Службата за природни катастрофи на Истанбул предупредуваат дека постои ризик од поплави и бура.

Во околината на Ница пак беснее пожар. Стотина пожарникари се обидуваа да го изгаснат. Според регионалните власти, пожарот кој избувнал синоќа е „под контрола“, но сè уште не е изгаснат. Потпомогнати од топлото време и медитеранските ветришта, пожари овие денови има и во Прованса и на Корзика.

Големи пожари има и во Хрватска и Црна Гора.

OhridNews
извор Макфакс