Стотици пожарникари од сите делови на Хрватска се борат со шумскиот пожар што најпрво изби околу Сплит, а потоа зафати и дел од градот. На помош пристигнаа и авионите за гаснење на пожари „канадер“ и „ертрактор“. Небото над Сплит е сиво, и изгледа како покриено со густи облаци. Во гаснењето на пожарот кај Сплит, ангажирана е и хрватската војска, која вчера заедно со граѓаните во Сплит се бореше со огнената стихија во ракетната база „Жрновница“ и градските четврти „Камен“ и „Кила“.

Шумските пожари беснеат и во Срњине, Жрновница, Подстрана, Строжанец. Изгорени се голем број куќи на перифериите на населените места, како и деловни објекти и автомобили. Дел од населението самоволно ги напушти живеалиштата во загрозените подрачја. Во „Спаладиум арена“ е отворен прифатен центар. Ангажирани се и спасувачи, екипи на Брза помош, како и полицијата. Во пожарот што од вчера беснее на потегот од Сплит до Омиш полесно се повредени околу 80 луѓе, главно пожарникари, и за среќа нема потешко повредени. Се смета дека досега се изгорени 4.500 хектари борова шума, насади на маслинки, ниска вегетација, покрај куќите и деловните објекти.

Пожарите никако да згаснат и во Црна Гора. Претседателите на Општините Тиват, Котор и Херцег Нови апелираа Владата на Црна Гора да побара помош од соседните земји во гаснење на пожарите. Пожарот во Луштица, Котор, во текот на ноќта се прошири на полуостровот. Рано утринава биле евакуирани 100 туристи од ‘ртот Весло, соопшти Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, додека локалните медиуми наведуваат дека од Беговиќ во Херцег Нови се евакуирани 15 повозрасни мештани.
Пожарот се ближи до куќите, а пламените јазици достигнуваат висина до 30 метри.

Претседателите на Општините Херцег Нови, Котор и Тиват рекле дека состојбата со пожарите станува алармантна и апелирале до Владата да побара помош од соседните земји. Канадерите на црногорското МВР не учествуваат во гаснење на пожарот поради силниот ветер. На терен се пожарникари од цела Црна Гора, војската и доброволци.