Велосипедистите кои секојдневно се движат по главните сообраќаници низ Охрид повеќе нема да им пречат на пешаците и возилата, затоа што сега имаат посебно обележани патеки за движење по тротоарите. Новото обележување на велосипедските патеки низ градот започна вчера со нивно исцртување на улицата Туристичка.
Освен ограничување на патеката за движење, со интензивно жолта боја, беа поставени и нови сообраќајни знаци за велосипедска патека.
Обележувањето на патеките за велосипеди е дел од пролетното обновување на хоризонталната сигнализација на подрачјето на општината, кое го спроведува Секторот за сообраќај при Општина Охрид.