Генералната оценка на студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проект за реставрација на реката Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито е дека не претставува закана за животната средина и природата и неговата спроведување е оправдано, доколку се изведе во согласност со законските обврски за ваков тип проекти и особено предвидените мерки во оваа студија.
Доследното спроведување на предлог проектот согласно проектната документација и заштитните мерки предложени во оваа студија се очекува да донесе долгорочно позитивно влијание за околината. Усвојувањето и имплементацијата на предложените мерки утврдени во планот за управување има за цел спречување до најголема можно мера на негативните влијанија и нивна контрола и постигнување на висок степен на заштита на животната средина, се вели во образложението на Студијата.
За неговата целосна имплементација одговорноста е на инвеститорот на проектот, а спроведувањето на редовен мониторинг на животната средина ќе обезбеди потврда за ефикасноста на избраните мерки за заштита.
Инвеститорот ќе обезбеди надзор за животна средина и ќе осигура дека изведувачот ќе вклучи лице за животна средина како дел од неговиот тим кој ќе има одговорност и обврски да осигура доследно спроведување на мерките од акциониот план. Дополнително, инвеститорот ќе обезбеди мониторинг на животната средина во текот на изведбата со цел следење на имплементацијата на заштитните мерки и нивната ефикасност, се додава во образложението.
Како што информираа претходно од Општина Дебрца, со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот проток од 15m³/s во нејзиното природно корито што се влева во Црн Дрим, како и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.
Н.С.Ј.












