Меѓу поддржувачите на идејата се и пратениците од петтата изборна единица кои иницијативата ја изнесоа пред надлежните државни институции. Според нив, одлуката за формирање на професионален театар во Охрид е од исклучително значење како за сегашните, така и за идните генерации.
– Ова е емотивен момент и среќен сум што наидовме на разбирање и што после речиси 6 децении во Охрид повторно имаме професионален театар, изјави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски.
Задоволство има и во лајонс клубот „Лихнидос“ чии членови беа големи лобисти за реоформување на охридскиот професионален театар. „Со институционализација на театарот во Охрид се остварува сонот на генерации охриѓани, и се збогатува културното живеење во градот“, велат од Л.К. „Лихнидос“.
Бројни пораки со поддршка до актерската екипа стигнаа и до редакцијата на „OhridNews“, кој со големо внимание ги следеше сите настани поврзани со иницијативата за возобновување на охридскиот театар. Читателите на новата културна установа во градот и пожелуваат плодна и успешна работа.
Останува надежта дека целата оваа позитивната енергија околу формирањето на професионалниот театар во Охрид ќе поттикне и други благородни иницијативи.