Овој викенд ќе започне да патува караванот кој носи среќа- Баскерфест 2018. Првото улично шоу ќе се одржи во Охрид, во петок и сабота, на 8 и 9 јуни.
Посетителите ќе имаат можност да проследат, но и интерактивно да се вклучат во повеќе од 20 точки на артисти од целиот свет. Ќе уживаат со акробатот Енди Ди од Канада кој изведува акробации со помош на огромен хулахоп, ќе се забавуваат на Мистер Ф од Франција- баскер изведувачот кој ќе ги освои со џиновскиот балон, крвта ќе им се смрзне од точката на Козани и Венди од Аргентина. Со Еспума Брума која оди на јаже ќе имаат адреналиско доживување, од далечната Јапонија ќе долета Хиро-Сан, мајсторот на боречките вештини, а ќе може да го погледнат и Максимо Оптимо кој беше дел од шпанската верзија на „Јас имам талент“, со точката која предизвика бурни реакции- жонглирање со моторни пили.
Ова се само дел од интересните баскер изведувачи кои ќе настапат на Баскерфест 2018, каде што покрај стандардната програма, оваа година посетителите ќе уживаат и во многу други интерактивни и едукативни содржини.
Во недела на 10-ти јуни, Баскерфест караванот се сели во скопската општина Ѓорче Петров, а потоа продолжува во Кочани, Велес, Штип, Македонска Каменица и во општина Центар Скопје.
OhridNews













