Во несреќата што утрово се случи на планината Галичица, животот го загуби 40-годишниот Флоријан Џера од селото Аларут, Поградец Албанија, соопшти попладнево СВР Охрид.
Според првични информации од истрагата, четворица албански државјани рано утрово тргнале во потрага по изгубени кози, но поради лошите временски услови и густата магла, тие изгубиле ориентација и без да знаат преминале на македонска територија.
Кога малку се подобриле временските услови, тие забележале дека се движат на опасен терен, на сртот на врвот Магаро, највисока точка на планината Галичица, по што се обиделе да се вратат на албанска територија.
Притоа, Флоријан се лизнал и паднав во бездна длабока 500 метри. Неговите пријатели успеале да се симнат до него, но од тежината на повредите, тој починал.
-Лицето се лизгало низ стрмен терен од 300-500 метри и удрило во дрво. Здобиените повреди биле фатални и тоа починало.-изјави Сашо Точков од Црвениот крст.
Повиците за помош ги слушнал планинар од селото Пештани, кој случајот го пријавил во полиција. На местото на несреќата по извесен период пристигнале припадници на полицијата, медицинска екипа, како и екипа на професионалната прортивпожарна служба од Охрид и спасителите од Единицата за интервенција на планини и непристапни терени на Црвениот крст.
-Спасувачката акција започна во 11 30 часот и се одвиваше на непристапен терен, на околу 1800 метри надморска височина на врвот Магаро. Во акцијата учествуваа четворица алпинисти, кои го извлекоа загинатиот од бездната и им укажаа психолошка прва помош на преживеаните кои беа во голем шок. – изјави Точков.
На местото на несреќата извршен е увид од страна на истражните органи. Преживеаните во придружба на спасувачките екипи, попладнево се пренесени во Охрид каде се згрижени.
OhridNews