Познатата американска готвачка Каролин Стин која е една од најпознатите жени готвачи во САД ќе им помогне на дел од охридските ресторани да ги подобрат своите менија и да направат поквалитетна понудата на храна и специјалитети. Од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, најавуваат дека доколку се тече според предвиденото, оваа позната готвачка ќе дојде во Охрид во месец мај 2015 година.

-Таа ќе гостува на нашиот факултет со посредство на Амбасадата на САД во Скопје. Бидејќи има свој ексклузивен ресторан, долги години работи во угостителството и има огромно готвачко искуство, би сакале да го искористиме нејзиното знаење и да им помогнеме на дел од охридските угостители да ги подобрат своите менија. Значи планираме да избереме 4 или 5 ресторани и конкретно да ги ревидираме нивните менија, да им најдеме зебелешки и да им дадеме конкретна солуција или конкретно решение, за подобрување на понудата, вели проф. д-р Ангела Василевска од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

Таа објаснува дека со оваа активност сакаат да придонесат за подобрување на угостителскиот имиџ на Охрид, кој е еден од важните сегменти за развој на туризмот.

-Ние имаме стандардизирана и ограничена понуда во нашите угостителски објекти и веќе крајно време е рестораните да започнат да се идентификуваат со сопствен печат. Значи  не може секој ресторан да биде и за скара и за пици и за морска храна и секогаш мора да се развива во една насока, потенцира Василевска.

Таа смета дека македонската традиционална кујна треба да биде понудена во рестораните, но во издвоен дел од менито, со цел да и се додаде поголема вредност.

OhridNews