Подготовките  за 25-тиот  јубилен  интернационален музички  фестивал  „Охридски  трубадури“, што ќе се одржи  на  6,7 и 8 септември, се  при крај. Проектот за сцената е  завршен и се реализира. Големата бина, широка 16 метри  ќе биде поставена  на кејот од Охридското езеро, во самиот центар на градот.

Песните  веќе се снимени, а дефиниран е и списокот на странски пејачи кои ќе учестуваат на фестивалот. Меѓу нив, годинава се: Ален Исламовиќ (БиХ), Карлос (Бугарија), Жак Худек, Владо Калембер и групата „Колонија“ (Хрватска), Елизабет  Христоу (Грција), групата „Балканика“, Марко Кон, Мерима Његомир и Нада Обриќ (Србија).

Голема  конкуренција за наградите ќе има и меѓу авторите и  пејачите кои учествуваат на Фолк вечерта.Според  оценката на уметничкиот директор  Цане  Петров, годинешната  Фолк вечер  ќе  понуди  голем  број на  новосоздадени песни  во духот на македонскиот  мелос. Љубителите на музиката  ќе имаат можност да  слушнат  22 песни  кои ќе ги исполнат  Петар  Нечоски, Милован Секулоски, Благица Павловска, Кате и „Нели ти  реков“, Мерима  Његомир, групите   „Молика оне“, „Соната“, „Скопски боеми’’, Ѓорѓи  Дичоски, Сашо Николовски, Серафина Фантаузо, Зоран Христов,  Дејан Добревски, Методија Столески, Руса и Раде, Мирко Вретоски, Нино  Величковски, Сандра Милковска  и Кумановски трубадури…. а  своја  шоу програма (додека  траат гласањата на жиријата ) ќе има  Нада Обриќ.