Познатиот дански кларинетист со македонско потекло Бјонко Стошиќ Петерсен кој свири балканска музика, во текот на изминатата седмица снимаше видео запис во Охрид, за една од нумерите од својот најнов албум „Raunning Horses“.

Заедно со овој ценет музичар кој е вистински амбасадор на македонската музика во Данска, во Охрид престојуваше и телевизиска екипа на Данската национална телевизија „ДК4“, која снимаше документарен филм за животот на Бјонко помеѓу Данска и Македонија.

OhridNews имаше можност да направи краток разговор со оваа данска ѕвезда, која на наше големо изненадување одлично зборува македонски јазик.

Јас сум роден во Данска, мојот татко е Данец, но мајка ми е Македонка со потекло од Битола. Благодарение на татко ми, кој многу ја сакаше Македонија, македонската традиција беше дел од нашиот живот и многу често доаѓав во Битола кај моите баба и дедо. Значи мојот живот секогаш беше на релација Данска-Македонија. Линкот помеѓу Балканот и Скандинавија се одрази и на музиката која ја создавам и која ја свирам и која исто така е микс на модерна музика со традиционален македонски и балкански мелос, вели Бјонко, дополнувајќи дека релацијата со Македонија дополнително се зацврстила кога се оженил со неговата сопруга која е по потекло од Штип.

Музичката кариера Бјонко ја започнал уште на шест годишна возраст и има дипломирано на Кралската академија во Копенхаген.

-Уште од дете имав голема љубов кон музиката, па родителите ми дадоа поддршка и можност музички да се образувам. Бидејќи во текот на детството често доаѓав во Македонија, имав голема љубов кон македонскиот и балканскиот музички мелос и спонтано се случи да започнам да свирам музика од овој жанр. Првиот аранжман со балкански мелос во демо верзија го снимив во 1997 година за македонската песна „Мајка на Марика“, па потоа се редеа по ред аранжмани на многу други македонски песни и ора, како и на традиционални нумери од другите балкански земји, раскажува Бјонко.

Тој објаснува дека заедно со неговиот бенд кој го сочинуваат седум члена, до сега имал голем број концертни настапи низ Данска, Шведска, Норвешка, но и на Балканот.

-Нашите концерти привлекуваат големо внимание во Данска, данците многу ја сакаат балканката музика, ја доживуваат како музика за голема забава и буквално уживаат на нашите концерти. Освен во скандинавските земји имам настапувано и на неколку музички фестивали на Балканот и Македонија како што се Скопско лето, Бит фест, Пиво фест, а веќе се почнати преговори и за настап на Охридско лето во рамки на некое од идните изданија, вели Бјонко.

Тој објаснува дека до сега има соработувано со голем број македонски музичари како што се Горан Алачки и Златко Ориѓански.

-Во соработка со Ориѓански добив дозвола да го преснимам, познатиот хит „Пролет, лето, есен, зима“, кој се најде на првиот етно албум „Македонско девојче“ на Каролина Гочева, а аранжманот во моја изведба се најде во данска реклама за најпознатите колачиња на светот „Орео“ која беше многу популарна во Данска, вели Бјонко.

За неговиот најнов албум „Raunning Horses“ кој бил промовиран во февруари 2015 година во Копенхаген, Бјонко вели дека го отсликува неговиот живот.

-Идејата ми беше да издадам ЦД кое ќе го покажува мојот живот помеѓу Македонија и Данска преку музика. Во рамки на компилацијата има микс од популарна поп, рок и рап музика, комбинирана со балкански мелос. Нумерите се снимени заедно со популарни музичари од Данска. Голем број од нумерите се слушани на данските радија, а за најпопуларната помеѓу нив во моментот е нумерата „Tikkitsh“ која е снимена со раперот Klamfur. За оваа нумера спотот се снимаше во Охрид и тоа на неколку локации во стариот дел на градот и на Канео, објаснува Бјонко.

За делот на документарецот за неговиот живот освен во Охрид биле снимени и кадри во Битола и Скопје. Доколку се тече според предвиденото видео спотот и Документарниот филм за Бјонко ќе бидат промовирани на почетокот на наредниот месец во Копенхаген.

Е.М.
Фото:Емилио