Со Сонатите бр.18 и бр.8 од Лудвиг ван Бетовен, еден од највпечатливите  претставници на руската пијанистичка школа, Алексеј Володин ќе го започне својот вечерашниот концерт кој ќе се одржи во црквата Св. Софија во рамките на „Охридско лето“, со почеток во 21 часот.

–       Посебно ми е драго што при мојата посета во Москва, каде настапував како солист на еден фестивал, имав прилика да се запознам со овој уметник – голем пијанист кој со задоволство ја прифати мојата покана да дојде на фестивалот „Охридско лето“ за кој, како што самиот изјави, слушал многу од неговите колеги“. Овој впечатлив уметник ги исполнува големите светски сали и ова ќе биде исклучителна можност македонската публика да ужива во неговата извонредна изведба– вели музичкиот селектор на „Охридско лето“ – Гордана Јосифова- Неделковска.


Своето пијанистичко образование, Володин, го стекнал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва во класата на истакнатата пијанистка Елисо Вирсаладзе, а студирал и на музичката Академија на езерото Комо (Италија). Брзиот растеж на меѓународната кариера на Володин започна после победата на конкурсот „Геза Анда“ во Цирих – Швајцарија. Критичарите пишуваат за неговото неверојатно техничко мајсторство, исклучителната дарба за интерпретација, убавината на тонот и сеопфатноста на репертоарот. Алексеј Володин постојано настапува со најпознатите светски оркестри.

–       За „Охридско лето“ знам дека е фестивал со светско реноме и дека тука настапиле врвните светски пијанисти како Рихтер Свјатослав, Чиколини Алдо, Грегориј Соколов, Михаил Плетњов, Борис Березовски, Бери Даглас и многу други. Знам дека концертот ќе се случува во прекрасниот простор на црквата Св. Софија во градот за кој сите зборуваат во суперлатив. Најважна од се е публиката. – вели пијанистот за својот настап во Охрид.

Освен со сонатите на Бетовен, настапот на Володин ќе биде збогатен и со концертна суита од балетот „Оревокршачка“ од Чајковски и со сонатата бр.2 од Капустин.

OhridNews