Познатите рефрени на една од најпознатите музички балкански ѕвезди Жељко Јоксимовиќ вечерва ги допреа срцата на бројната публика која присуствуваше на неговиот концерт во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид. Неколку илјадната публика речиси два часа на нозе заедно со Јоксимовиќ ги пееше неговите песни, наградувајќи го со бурен аплауз.

На сцената на Јоксимовиќ му се придружи и македонскиот претставник во шоуто „Х фактор“ Даниел Кајмакоски, со кого заедно ги испеаа „Љубав није ствар“ и „Лихнида кајче веслаше“, а познатиот српски пеач публиката пријатно ја изненади и со својата изведба на неколку познати македонски песни, меѓу кои и „Јовано, Јованке“.

Драго ми е ако публиката ги забележа моите емоции во песните кои ги испеав вечерва, бидејќи секогаш кога ќе дојдам во Македонија моите концерти се емотивни и секогаш сакам да отпеам и македонски песни. Вечерашниот концерт беше прекрасен, ние уживавме на сцената исто како и публиката, изјави  Јоксимовиќ по завршувањето на концертот.

На новинарско прашање дали останува во Охрид и за празникот Водици и дали ќе скока по светиот крст во водите на езерото, Јоксимовиќ рече дека не е сигурен поради ниската температура на водата, но ако останатите членови од бендот и менаџерите заедно одлучат тогаш во недела во вода влегуваат сите.

Концертот на Жељко Јоксимовиќ е дел од програмата за празникот Водици. Денеска во Центарот за култура ќе може да се проследи и настапот на хорот „Света Злата  Мегленска“.

Т. Кувенџиска
фото:Емилио

Водици 2014 во живо на OhridNews во цел свет