Кај четири компании постои интерес за отворање на сопствени производствени капацитети во погоните на некогашниот стопански гигант ЕМО Охрид, истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање поврзано со странските инвестиции во Охридско – струшкиот регион поставено од пратеникот Александар Николовски, на денешната седница на Собранието на Република Македонија посветена на пратенички прашања.
-Во тек се разговори со две германски компании заинтересирани за инвестирање во Охридско – струшкиот регион. Едната е ОДВ Електрик која веќе го објави своето влегување во Слободната технолошко – развојна, индустриска зона Струга – Охрид и која реализира браунфилд инвестиција во постоечки погон во Охрид каде работат четириесетина лица. Оваа компанија во развојната зона гради фабрика во која е планирано да вработи околу 1000 лица. Уште една компанија од Германија е заинтересирана за инвестирање во овој регион и таа се наоѓа во фаза на одлучување дали ќе отвора фабрика во погоните на ЕМО или во технолошко развојната зона. Се работи за компанија од областа на производство на делови за автоиндустријата која, конечна одлука, според најавите, ќе донесе за две недели.-рече Груевски.
Премиерот истакна дека покрај оваа, интерес за отварање фабрика во погоните на ЕМО покажале уште три компании од Унгарија, Србија и Бугарија и дека во наредните неколку месеци ќе се знае дали ќе се остварат нивните најави. Сите биле заинтересирани за отварање фабрики поврзани со дејноста на ЕМО.
Пратеникот Николовски побара информација од Министерството за транспорт и врски за текот на изградбата на автопатот Охрид – Кичево.
Од министерството информираа дека се пробиени 25 проценти од трасата на автопатот и дека сега за сега се решени имотно правните прашања за третата локација која изведувачот на градежните работи ја користи како камп. На терен се појавил проблем со подземните електрични и телефонски кабли, а во тек е процедура за потпишување договор со Телеком за дислокација на оптичките кабли, информираа од Министерството за транспорт и врски.
OhridNews