Со 81 глас „За“ Собранието вечерва ги изгласа уставните амандмани, со кои државата се преименува во Република Северна Македонија.

За уставните измени да станат конечни, потребно е и Република Грција да го ратификува во парламентот Договорот од Преспа.

На усвојувањето на амандманите на Уставот претходеше договор помеѓу премиерот Заев и партијата БЕСА која имаше барања со кои не се согласуваа мнозинството пратеници, а се однесуваа на македонското државјанство кое, како што беше истакнато во заедничкото соопштение, се гарантира со Договорот од Преспа.

Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, при тоа прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.

Истовремено, се прифати амандманот на уставниот амандман XXXVI со кој се потврдува дека Републиката подеднакво води грижа за дијаспората на сите свои граѓани.

Дополнително во законот за лична карта ќе се впише и етничката припадност на граѓаните.

Заедничко соопштение на Владата и БЕСА

Сите други барања на БЕСА се повлечени затоа што правно формално не е можно да се реализираат сега, стои во заедничкото соопштение.

Договорот го поздрави отцепената пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, која ги поддржа уставните измени.

Добивме максимално можно добар текст на уставните амандмани и уставниот законик за спроведување на договорот од Преспа со што уште еднаш се потврдува македонскиот идентитет, внатрешна примена на договорот од Преспа и стапувањето на сила на уставните амандмани.

Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓани на Република Северна Македонија. 

Заедничко соопштение на Владата на Република Македонија и новата пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и колицијата

 

OhridNews