Да се одбележуваат значајните датуми од НОБ, да се води грижа за борците во однос на нивна материјална и социјална сигурност, да се решат просторните проблеми, се дел од барањата кои од страна на претставниците на општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца му беа пренесени на пратеникот Александар Николоски на денес одржаната средба во просториите на сојузот.


За две и пол години колку што сум претседател на Сојузот на борци, ова е прва посета. Задоволни сме од прашањата за кои разговаравме и се надеваме дека во наредниот период ваквите средби ќе бидат почести и договараното ќе биде  реализирано, изјави по средбата претседателот на општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески. 

Средбата се одржа по повод празникот 11 октомври и како што истакна пратеникот Николоски, со цел да се чујат потребите и проблемите кои ги засегаат борците.


Разгледавме неколку инцијативи кои би требало во наредниот период да се реализираат.Ги информирав присутните за измените во законот за бранители што очекуваме да се донесе во собранието, за зголемените бенефиции и за учесниците во НОБ  и за зголемувањето на пензиите. Се надевам дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно да соработуваме и комуницираме и меѓусебно да си помогнеме со цел најзначајните моменти од нашата историја да останат обележани, рече пратеникот Николоски.

По средбата беше особено потенцирана потребата да се чува традицијата и да се пренесува врз новите генерации, ако тие не се свесни за она што се случувало во минатото, не ќе можат да ја градат ниту иднината.

Т. К.