Да се одбележуваат значајните датуми од НОБ, да се води грижа за борците во однос на нивна материјална и социјална сигурност, да се решат просторните проблеми, се дел од барањата кои од страна на претставниците на општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца му беа пренесени на пратеникот Александар Николоски на денес одржаната средба во просториите на сојузот.


– За две и пол години колку што сум претседател на Сојузот на борци, ова е прва посета. Задоволни сме од прашањата за кои разговаравме и се надеваме дека во наредниот период ваквите средби ќе бидат почести и договараното ќе биде  реализирано, изјави по средбата претседателот на општинската организација на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески. 

Средбата се одржа по повод празникот 11 октомври и како што истакна пратеникот Николоски, со цел да се чујат потребите и проблемите кои ги засегаат борците.


– Разгледавме неколку инцијативи кои би требало во наредниот период да се реализираат.Ги информирав присутните за измените во законот за бранители што очекуваме да се донесе во собранието, за зголемените бенефиции и за учесниците во НОБ  и за зголемувањето на пензиите. Се надевам дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно да соработуваме и комуницираме и меѓусебно да си помогнеме со цел најзначајните моменти од нашата историја да останат обележани, рече пратеникот Николоски.

По средбата беше особено потенцирана потребата да се чува традицијата и да се пренесува врз новите генерации, ако тие не се свесни за она што се случувало во минатото, не ќе можат да ја градат ниту иднината.

Т. К.