На есенската сесија на Парламентарното собрание на Советото на Европа, беше усвоена реформата на мониторинг постапката од страна на Мониторинг комитетот, а се очекува истата да биде усвоена и на пленарната сесија, што ќе се одржи денес доцна попладне. Реформата на мониторинг постапката, е резултат на работата на ад-хок Комитетот формиран за оваа цел, во кој што членува и охридскиот пратеник Александар Николоски, потпретседател на Мониторинг комитетот.

Реформата е врз основа на Резолуцијата (1953) од 2013 година, на Парламентарното собрание, која што се однесува на зголемување на ефикасноста и влијанието на мониторинг постапката, врз сите земји членки на Советот на Европа. Со истата, се предвидува периодично разгледување на исполнување на обврските засновано на принципот “земја по земја“ за сите земји членки на Советот на Европа, како и периодично разгледување на групи на земји, засновано на принципот “тема по тема“ или пак регионален пристап. Исто така, согласно предложеното и Резолуцијата (1936) од 2013 година, процедура за мониторинг може да се отвори и секогаш кога кога има загриженост за состојбите во одредена држава. Ова ќе значи дека сите земји членки на Советот на Европа ќе мора целосно да ги исполнуваат обврските кон Советот, пред се во делот на, владеење на правото, основните човекови и малцински права, јазичните и културните права, борбата против корупцијата и независното судство, со што би се напуштил двојниот стандард кој што во моментов постои.

Ми претставува задоволство, што Парламентарното собрание на Совет на Европа, усвојува една голема реформа. Реформата е резултат на напорната работа на ад-хок Комитетот формиран од Советот на Европа, во кој што ја имав привилегијата да учествувам и работам. Со новите мониторинг процедури, сите земји во Советот на Европа се изедначуваат во своите права и обврски. Факт е дека постојат земји членки на Советот, кои не ги исполнуваат критериумите за членство. Мониторинг кон сите ќе значи и обврска за сите. Затоа би сакал да најавам дека ќе ја искористам оваа можност и веќе од јунската сесија во 2015 година, ќе побарам да се определат известувачи за мониторинг врз Грција, во делот на почитување на “Рамковната конвенција за заштита на националните  малцинства“, која што Грција ја нема ратификувано, а е основен документ за членство, како и дискриминирачките закони од 1982 и 1985 година, според кои, право на враќање во Грција и право на враќање на имоти имаат само Грците по род. Исто така, Грција не дозволува образование на мајчин јазик, како и искажување на културните традиции низ различни форми на асоцијација за македонското, албанското, турското и ромското малцинство. Грција не ги почитува пресудите на Европскиот суд за Човекови Права во Стразбур, изјави Николоски.

Тој додава дека новиот механизам, ќе овозможи објективен поглед на овие состојби и јасни препораки од Мониторинг комитетот за надминување на иститите. Изразува надеж дека новата мониторинг постапка ќе биде прифатена за сите и ќе даде нова суштина и нова смисла на работата на Советот на Европа.

Реформата на мониторинг постапката, стапува во сила од јануари 2015 година, а првите известители се очекува да почнат со работа од јунската сесија.

OhridNews