Пратениците во македонското Собрание, како што беше најавено, денеска со 110 гласа „за“, без гласови против и воздржан ја донесоа одлуката за распуштање на досегашниот состав на парламентот, јавува „Макфакс“.

Претходно беше исполент условот откако пратениците со 72 гласови „за“ и 37 „против“, во понеделник го донесоа Буџетот за 2017 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 187 милијарди денари, вкупните расходи се на ниво од 206 милијарди денари или за 4,5 отсто повеќе во однос на годинава.

Пред почетокот на расправата за распуштање, пратениците ги избраа Дејан Бошковски и Енвер Елмази за членови на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Собранието ги донесе и измените и дополнувањата на Законот за банките, на Законот за иновациска дејност и програмата за одбележување јубилејни годишнини за значајни настани и личности.

По редовната пауза, пратениците требаше да расправаат и да ги гласаат останатите точки од дневниот ред, по што следеше одлуката за распуштање на парламентот, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември.

OhridNews
извор: „Макфакс“