Се чини дека собраниската седница за избор на членови и претседател на Собраниската комисија за избори и именување ќе потрае подолго време, ако се суди според почетокот на седницата. За збор се јавија 57 пратеници, повеќето од нив од ВМРО-ДПМНЕ, пренесува РСЕ, јавува „Макфакс“.

Прв зборуваше пратеникот Антонио Милошоски по што за реплика се јавија многумина пратеници од неговата партија. Оливер Спасовски од СДСМ процедурално реагира дека на тој начин се врши опструкција на седницата. Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски рече дека деловникот забранува реплики и контрареплики меѓу членови на иста пратеничка група, но оти со оглед на тоа што пратенички групи се уште не се формирани, пратениците имаат право на реплики и контрареплики, пишува РСЕ.

Милошоски рече дека кандидатот за претседател треба да биде од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи таа е победничка партија и тоа ќе ја одразувало волјата на граѓаните, а ќе било во согласност и со практиката во некои европски држави каде што претседателот на собранието не мора да е од владејачката коалиција. Тој побара од Комисија која треба да се формира и која, како што рече, ќе работи следните денови, да го процени и моралниот и политички кредибилитет на идниот претседател којшто не треба да биде човек што не ја отфрлил тиранската платформа и не смее да биде аболициран криминалец. Собраниската седница од галеријата ја следат и странски амбасадори.

-Една работа треба да ни биде јасна, во овој мандат пратениците во Собранието на Република Македонија имаат историска одговорност, дали државата ќе ја зачуваат во вакво устројство – унитарна, или Македонија ќе почнат да ја туркаат кон концептот на Босна и Херцеговина, истакна Милошoски

OhridNews