Пратениците Александар Николовски и Цветко Грозданов кои неодамна ја реафирмираа идејата за изградба на споменик на Свети Наум Охридски во центарот на Охрид упатија јавна благодарност до Советот на општина Охрид, што ја прифати иницијативата за подигнување на спомен обележје на Св. Наум. Во соопшетението на охридските пратеници понатаму стои:
„ Охрид и Република Македонија треба да изнајдат начин да се заблагодарат на големиот учител, основоположник на словенската и македонската писменост, големиот црковен деец и просветител Св.Наум Охридски Чудотворец. Затоа предложивме во Охрид да се изгради споменик на овој светител, чиешто име и животно дело се нераскинливо врзани со името на македонскиот град на светлината.

На овој начин ќе се заокружи споменичниот комплекс кој што го сочинуваат, покрај Св. Климент Охридски, и учителите на Св. Климент и Св.Наум, големите солунски просветители Св. Кирил и Св. Методиј.
Овој споменик освен што ќе биде симбол на одбележувањето на историскиот великан, убедени сме дека ќе има и важност за натамошниот развој на туризмот во градот.

Изразуваме огромна благопдарност и до невладините организации, интелектуалците и сите грѓани кои ја подржаа оваа идеја и се надеваме дека понатака заеднички ќе работиме во нејзина реализација. Медиумите од Охрид имаат несомнено значење во релизацијата на оваа идеја и без нив афирмацијата и реализацијата е невозможна. Затоа сме благодарни на досегашната соработка со надеж за уште поинтензивна соработка.
Спремни сме да го вложиме сиот наш професионален и личен потенцијал, кредибнилитет и авторитет во понатамошната реализација на оваа идеја и се надеваме дека достојно ќе ја одбележиме 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум“, се вели во соопштението на пратениците Николовски и Грозданов.












