Во чест на одржувањето на традиционалните Прличеви беседи, деновиве во Охрид престојува правнуката на Григор Прличев, филологот Олга Григорова Прличева која живее и работи во Бугарија.
Таа изјави дека за неа претставува чест и задоволство, по покана од локалната самоуправа, да биде дел од манифестацијата на која се чествува ликот и делото на нејзиниот прадедо Григор Прличев. Изрази благодарност што манифестацијата низ годините прерасна во традиција која со задоволство ја посетува.
Како што вели Григорова- Прличева , да се биде потомок на големиот охридски поет претставува голема одговорност.
– Во текот на последните години се претопував во делата на Прличев, и приватно и професионално, но и преку мојата специјализација во Скопје за што сум им многу благодарна на колегите од Државниот архив и МАНУ кои ми дозволија да дојдам до црковните ракописи на прадедо ми, преку кои се претопив во ликот и делото на Прличев. Тоа ми беше како голтка свеж воздух која ќе ми послужи како поттик за мојата понатамошна работа, рече правнуката на Прличев.
Таа останува во Охрид да ги проследи и останатите активности на манифестацијата кои продолжуваат со полагање на свежо цвеќе пред бистата на охридксиот поет, панихида, традиционалната Прличева визита и централната прослава на училиштето кое го носи името на Григор Прличев.