Од Управата за јавни приходи информираат дека со законот за отпишување на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување се уредени условите, начинот и постапката за отпишување на пресметаните неплатени камати по основ на достасани обврски за придонеси од задолжително социјално осигурување кои настанале во периодот од јануари 2009 година, заклучно со декември 2012 година.

Подносителот на барањето има право на отпишување на каматите за придонесите во износ од:

1.    100% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја изврши во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на барањето и редовно ги исполнува достасаните тековни обврски.

2.    75% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја изврши во рок од 12 месеци од денот на поднесувањето на барањето и редовно ги исполнува достасаните тековни обврски.

3.    50% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја изврши во рок од 18 месеци од денот на поднесувањето на барањето и редовно ги исполнува достасаните тековни обврски.

Правото на отпис на камати од заостанати обврски по основ за придонеси од задолжително социјално осигурување, се однесува за сите обврзници кои се опфатени со концептот „Бруто-плата“ и истите го имаат платено придонесот од задолжително пензиско осигурување заклучно со 31.12.2008 година.

Правото на отпис на камати се остварува со поднесување на пропишан образец “БОК-ПЗСО”. „Барање за отпис на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување“ (БОК-ПЗСО) се поднесува до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи, според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник, најдоцна до 31 декември 2013 година.

Барањето “БОК-ПЗСО” може да се преземе од веб страницата на УЈП . Потребните податоци во барањето, се пополнуваат компјутерски.

Во прилог кон барањето, задолжително се доставува доказ од Фондот за пензиско инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ) за платен придонес од задолжително пензиско осигурување заклучно со 31.12.2008 година.

OhridNews