Со молитва и желби за добро здравје, љубов и толеранција, православните христијани и муслиманите во Струга со  заеднички ручек за прв пат го одбележаа големиот верски празник Божик. Пратеници, претставници на локалната самоуправа и видни граѓани од различните етникуми седнаа на празнична софра, што ја благословија локалниот поп и оџа, упатувајќи заедничка порака за соживот и мир.

– Сите ние треба да се гледаме како една фамилија. Не само во Струга туку на целата планета. Постои денес голема духовна  криза,  но кај голем дел од луѓето преовладува разумот дека животот треба да се живее во мир и толеранција, вели оџата Миќаил Османи.


Заедничкиот Божикен ручек на православните и муслиманите од Струга е дел од проектот „Разликите се наша предност“ на невладините Езерка, Толеранца и Пунте, кој има за цел зближување на младите Македонци и Албанци, кои под влијание на политиката се оддалечуваат едни од други.

– Младите за повторно да почнат да живеат и функционираат со нив треба многу да се работи. Ние како да го поделивме градот на два дела, а  реката Дрим како да беше граница, но се надеваме дека тоа нема да биде и  дека со овој проект малку ќе придонесеме во надминување на бариерите кои вештачки се создаваат, истакна Драгица Павлеска Попоска, од невладината „Езерка“.


Во рамки на проектот младите муслимани посетуваат цркви, а православните џамии, каде се запознаваат со религијата на нивните сограѓани од другите етникуми, што придонесува за намалување на предрасудите, кои според верските лица се последица на недоволното меѓусебно познавање.

– Со запознавањето на младите со православната вера или со исламската религија се доаѓа до добар ефект, бидејќи овдешните толкувања од страна на политичарите се спротивни на она што учи Библијата и Куранот, вели отец Зоран Попоски.


Пред Божик, муслиманите и православните стружани со заеднички ручек го прославија Бајрам, а  се надеваат дека ваквото дружење ќе прерасне во традиција што ќе придонесе за подобар соживот во мултикултурна Струга.

Горан Момироски