– Бајрам е најголемиот празник за душата и телото во вистинска смисла на зборот, кога не постојат разлики меѓу верниците, кога се потенцира значењето на меѓусебното почитување, солидарност, убавиот збор, кога и богатите и сиромавите се изедначуваат , објаснува охридскиот Муфтија на Муфтивството на исламската заедница во Охрид, Африм Ѓелили кој го посетивме во една од најстарите џамии, Али пашината џамија која датира од 1492 година.
Денешниот празник Рамазан- Бајрам го заокружува 30- дневниот пост, кога од зајдисонце до изгрејсонце верниците се воздржуваат од јадење и пиење, лошата мисла, сексуалниот нагон.
Машките членови од фамилијата одат пет пати во денот на молитва во џамиите, а главната молитва се одржува во вечерните часови и трае 50 минути.
Традицијата налага за време на постот, откако на зајдисонце ќе го чујат пеењето на оџата од блиската џамија верниците да седнат покрај убаво уредената трпеза и да го земат оброкот за тој ден. Свечената вечера Ифтар се се приредува во сите 30 денови додека траат рамазанските пости.
– Суштината на постот е сите да се еднакви, и оние кои имаат многу и оние кои се сиромави. Верата налага, во овие денови дел од подготвените јадења да се споделат со оние кои немаат средства да подготват богата трпеза, раскажува Муфтија Ѓелили.
Денес, по традиционалната молитва во џамија, семејството со домашните седнува на ручек. На богатата трпеза има традиционални јадења, јанија, чорби, слатки, меѓу кои и неизбежната баклава. По свечениот ручек почнува времето за пречекување и одење на гости.
– Се отпоздравува со зборовите “За многу години Бајрам”. Гостите се послужуваат со чај, сок и баклава. Особена чест и задоволство е кога на гости по повод празникот ни доаѓаат и гости од другите вери за заеднички да го прославиме празникот, вели Муфтија Ѓелили.
Исламското учење вели дека во светиот месец Рамазан е објавена светата книга Куран.