Врховниот суд им дал рок на компаниите на Субрата Рој до вторник следната недела да го вратат долгот кон инвеститорите од 3,5 милијарди долари, пренесува „Утрински весник“.
Како што пишува весникот, тој до вторник наредната недела ќе треба да се изјасни во врска со долгот кон инвеститорите. Овој случај, кој што го води индиската комисија за хартии од вредност против компаниите на Субрата Рој од минатата година ја бранува индиската јавност, но сега како да добива завршница.
Индиските весници вчера објавија дека Врховниот суд им упатил известувања на двете компании на Субрата, „Сахара Индија рил естејт корпорејшн“ и „Сахара хоузин инвестмент корпорејшен“, дека не ја испочитувале одлуката на судот, и не рефундирал 19.000 крори, или околу 3,5 милијарди долари на инвеститорите преку СЕБИ.
„Мора да доставите дефинитивен одговор до вторник“, истакнале судиите
К.С Радакришнан и Ј.С. Кехар, кои го одложија процесот за 30 јули по молба на компаниите. Според нив групацијата „Сахара“ нема да добие дополнително време, и нема да може повеќе да бара одлагање на постапката.
Судиите ја донеле оваа одлука по молба поднесена од СЕБИ за непочитување на одлуката, според која, фирмите требале да ја исплатат целата сума кон инвеститорите. На последното рочиште на 17 јули Врховниот суд наведе дека првиот човек на групацијата Сахара, Субрата Рој и директорите на неговите две компании ќе треба да се појават пред него, ако не се испочитува одлуката. Инаку, Врховниот суд на 5 декември донесе одлука според која на фирмите на Субрата им определи период од девет недели за враќање на инвеститорите сума од 4,38 милиради долари, со 15 отсто камата.
Судот, исто така, наведе дека СЕБИ може да ја сопре продажбата на имот и да ги замрзне банкарските сметки на компаниите ако тие не ја рефундираат утврдената сума на пари.
Индиските весници пишуваат дека дополнителна грижа за бизнисменот Субрата Рој се и новите поголеми овластувања што ги добила СЕБИ, а кои и’ даваат одврзани раце во дејствувањето против неплаќачите.
„Субрата Рој, првиот човек на групацијата ’Сахара‘, сега е загрижен човек, поради неговото конфронтирање со пазарниот регулатор СЕБИ. Владата на СЕБИ му даде поголема моќ, со што оваа институција ќе може да одзема имот и банкарски сметки на личности и компании кои не ги спровеле нивните одлуки, како и исплата на казни, рефундирање на средства на инвеститорите или исплаќање на други доспевања“, пишува „Бизнис тудеј“. Според овој весник индиската Влада се согласила со барањето на СЕБИ, да и’ се дадат поголеми овластувања за да ги заузда неплаќачите, односно таа добила такви овластувања какви што имаат судовите. А тоа значи дека СЕБИ ќе може да издаде налог за претрес, конфискација, заплена на имот, па дури и апсење на неплаќачите и да даде насоки за враќње на погрешно стекнати добивки направени спротивно на законот.
Во Индија се шпекулира дека одлуката да му се дадат поголеми овластувања на СЕБИ може да е испровоцирано од спорот со Сахара.
Според минатогодишната одлука на СЕБИ „Сахара груп“ им должеше на инвеститорите 4,38 милијарди долари. Ако групацијата во меѓувреме уплатила 934 милиони долари тогаш и останале за враќање уште околу 3,5 милијарди долари. „Сахара“ тврдеше дека овие пари им ги има вратено директно на двете компании кои што купиле нејзини обврзници. Но, ова нејзино тврдење беше предмет на истрага, бидејќи СЕБИ тврдеше дека не може да го утврди текот на парите.
Сите овие информации кои за Субрата Рој доаѓаат од Индија македонската Влада не сака да ги коментира. Тие велат дека се насочени кон проектите кои треба да се реализраат во земјава, а за кои сметаат дека ќе бидат успешна инвестиција.