Со цел безбедно учество во сообраќајот и елиминирање на потенцијалните ризици и закани за безбедноста во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со низа корисни совети:
• Пред и за време на патувањето да не се користат лекови на „своја рака“. Задолжително пред да се земат лекови да се консултирате со лекар или со фармацевт и да се информирате за влијанието на лекот врз психомоторната активност на организмот.
• Антихистаминиците, популарно познати како лекови против алергии имаат седативно дејство и ја намалуваат психомоторната способност на возачот.
• Строго е недозволиво истовремено консумирање седативи (лексилиум, дијазапам, хелекс) и други слични лекови со психотропно дејство и алкохол.
• Доколку имате неопходна потреба од консумација на лекови кои влегуваат во групата на психотропни супстанции, задолжително запрето го возилото, одложете го патувањето или препуштете го управувањето со возилото на лице кое е во соодветна кондиција, или организирајте алтернативен начин на патување.
Различните психотропни супстанции (лекови), различно влијаат врз психомоторните функции на човечкиот организам. Заедничко за сите, е што имаат ограничувачко влијание врз способноста за управување со моторно возило. Ефектите од користењето лекови кои влегуваат во оваа група се разликуваат и се манифестираат на различни начини, во зависност од нивното дејство на централниот нервен систем. Научните истражувања покажуваат дека:
• Седативите го забавуваат времето на реакција, ја нарушувааат перцепцијата за време и за далечина и ја намалуваат способноста за координирано и истовремено извршување на повеќе функции, нешто што е апсолутно неопходно при управување со моторно возило. Некои видови седативи, на пример бензодијазепини, предизвикуваат вртоглавица, поспаност и деконцетрација и во таква ситуација возачот не е во состојба да ја перцепира сообраќајната околина и случувањата во сообраќајот.
• Комбинацијата од алкохол и лекови се манифестира на психомоторните функции на човекот на ист начин како и тешките дроги. Управување моторно возило под дејство на алкохол и лекови е еднакво со управување моторно возило со длабоко оштетен слух и вид и со нарушена рамнотежа.
Од изнесеното, можеме да заклучиме дека одредена група лекови (антихистаминици, седативи, антидепресиви) влијаат врз способноста за возење и истите можат да бидат сериозен извор на опасности во сообраќајот и причина за многу изгубени човечки животи и за големи материјални штети. Она што дополнително загрижува е фактот дека најчесто возачите не знаат и не се свесни за негативното влијание на одреден лек врз психомоторната способност, односно на способноста за возење.
Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, „Возачот не смее да управува со возило, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци – лекови со психотропно дејство“. „Се смета дека лицето е под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци, доколку со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење се утврди присуството на овие супстанции во организамот“.
„Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода, на возач кој управува возило под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци. Покрај глобаата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило во траење од 6 до 12 месеци“. Законот забранува, а предвидените санкции се големи, но последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од возачи кои се под дејство на лекови и на други психотропни супстанции се фатални.
Биди одговорен возач, почитувај го Законот, заштити се себе и другите учесници во сообраќајот на тој начин што никогаш нема да возиш или да бидеш возен од лице кое е под дејство на лекови кои влегуваат во групата психотропни супстанции.
Ohridnews