Шеесетината почитувачи на традицијата од Охрид, на кои им се придружија и претставници од македонското друштво „Илинден“ од Тирана, и од Националниот совет на Македонската заедница од Србија, денеска ја посетија родната куќа на охридскиот војвода Христо Узунов и положија  цвеќе пред неговиот споменик. Тие утре рано ќе тргнат пеш до славното Крушево каде ќе се приклучат во одбележувањето на 109 годишнината од Илинденското востание.


– Волјата која ја поседуваме за одбележување на овој празник е голема. Во намерата да стигнеме до Крушево нема да не запрат ни големите темпаратури кои се екстремно високи. Кога можеле нашите предци да гинат за оваа земја, ние можеме да одиме пеш до Крушево и да им оддадаме почит како што доликува. Со овој комитски марш исто така сакаме да упатиме порака до политичарите кои сакаат да се “коцкаат“ со името на нашата земја – изјави Никола Шишкоски од Здружението на граѓани „Христо Узунов“, организатор на Илинденскиот марш.


Учесниците  на маршот денеска ќе добијат благослов во црквата  Св. Троица каде ќе се одржи литургија и народен собир на кој ќе настапат КУД “Охриѓанка” и естрадните уметници  Тони Михајловски, Елена Велевска, Петар Нечоски и други.


Охридските комити на пат ќе тргнат утре рано наутро и ќе минат 100 километри низ илинденските села.

OhridNews
фото:Михаил Постоловски