Гостите и туристите кои во иднина ќе претојуваат во Охрид, ќе можат да ги добијат сите потребни информации во туристичкиот инфо-центар, кој Општина Охрид ќе го постави во центарот на градот, непосредно пред поштата. Според најавите, изградбата на новиот информативен центар ќе биде финансирана со средства од ИПА-Програмата за финансирање на проекти за прекугранична соработка.

-Од нив околу 10.000 евра се наменети за изградбата на туристички-инфо центар, по најсовремени стандарди. Според планираното, градежните работи за негово поставување ќе започнат веднаш штом ќе се добијат средствата од фондот на ИПА-Програмата, ни изјави во телефонски разговор, Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.

Тој објаснува дека со овој план во суштина се отстапува од првичната замисла за дислоцирање на инфо-центарот, кој пред околу две години беше поставен на влезот во Охрид.

-Првично беше планирано овој инфо-центар да се премести во централното градско подрачје, но откако ни беа одобрени средствата за изградба на нов инфо-центар, одлучивме, инфо-центарот на влезот во Охрид, да остане онаму каде што е. Бидејќи истиот до сега не беше пристапен, најверојатно ќе се преуреди неговата околина, односно ќе се отвори соодветен пристап за возила и ќе се прошири паркинг просторот пред објектот, појаснува Апостолов.

Тој нагласи дека откако ќе се обезбедат овие услови, инфо-центарот на влезот во градот, ќе биде ставен во функција.

Е.М