На полноќ заврши изборната кампања за локалните избори што ќе се одржат во недела на 24-ти март, со што почнува 24 часовен изборен молк.

Партиите и независните кандидати кои се пријавија за учество на изборите, во изминатите три недели пред електоратот ги претставуваа своите програми и кандидати и ја побараа довербата од граѓаните.

Гласањето на 24-ти март почнува во 7 и ќе трае до 19 часот, а локалните избори ќе се одржат во 80 општини и Градот Скопје.

Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), поднесени се 350 листи за градоначалници и 480 листи за советници. На советничките листи се кандидирале вкупно 8.528 лица.

На 2.976 гласачки места својот глас, според Избирачкиот список треба да го дадат 1.743.403 граѓани.

Во општина Охрид ќе се гласа за 5 кандидати за градоначалници и 13 советнички листи на 73 избирачки места. Право на глас имаат вкупно 50.686 граѓани на Охрид.

Локалните избори, според ДИК, ќе ги набљудуваат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи.

Ова се шести локални избори во Македонија. Првите се одржаа во 1990 година, потоа во 1996, во 2000, во 2005, а последните во 2009 година, заедно со претседателските.

OhridNews
извор„Макфакс“