Овој Велигден минува во знакот на предизборна еуфорија. Партиите се растрчани по промоции и свечени отварања, ударните сили се препукуваат преку медиумите, а изборните штабови прават стратегија за придобивање на гласовите. Се крчкаат и имињата на пратениците и министрите се пребројува членството. Се е во функција на изборите.


Периодот помеѓу овој и првомајскиот празник ќе мине во знакот на кроење на кандидатските листи за пратеници. Општинската СДСМ деновиве ги прибира предлозите од базата кои исфилтрирани ќе бидат пратени во централата во Скопје. Процедурата е во тек и во охридскиот огранок на ВМРО ДПМНЕ. Иако во јавноста кружат имиња на кандидатите за пратеници, официјално ниту позицијата, ниту опозицијата не ги соопштуваат адутите со кои ќе ја бијат битката во 5-та изборна единица. Се најавуваат интерни анкети за испитување на рејтингот на предложените кандидати. Време за размислување партиите имаат уште малку, бидејќи законскиот рок ги обврзува да ги објават пратеничките листи на почетокот од мај. Трчајќи по власт политичарите овој Велигден го празнуваат работно, или како што вели еден наш читател во песната за предизборниот Велигден, наместо на религијата и се посветија на партијата:

Пости тешки со сув леб и вода
па тоа го јадеме и преку цела година.

Се оддалечивме од религијата
и се посветивме на партијата.

За политика очи си копаат двајца,
а в џеб пари ни за шаблон јајца.

Држава јака – народ бос,
не гледаме подалеку од нашиот нос.

Сеуште го бараме Тито,
а ништо не функционира без мито.

Граѓаните очајни не ги држи место,
иако избори се случуваат често.

Најдобро ќе биде да оставиме простор
и да му се помолиме на Господ.

Ден Велигден пред нас стои,
да заборавиме бар миг на избори !

OhridNews