Редовни театарски и кино претстави, концерти, промоции на книги, изложби и креативни настани треба да бидат дел од секојдневното културно живеење на Охрид. Ова е ставот на охридските културни работници, кои егзистираат надвор од официјалните државни институци и творат самоиницијативно.
Тие потенцираат дека во време на предизборна кампања сите политички излагања се исполнети со најразлични ветувања, но ништо од тоа не е видливо на терен, а Охрид наместо да претставува пример за културен центар, во последно време прераснува во град каде што културата е спуштена на ниски гранки.
Дел од културните дејци со кои поразговаравме на оваа тема сметаат дека охридските пратеници, кои ќе бидат дел од новиот собраниски состав, по претстојните Парламентарни избори, треба да се заложат за проекти и активности со кои Охрид културно ќе живее во текот на целата година, а не само преку летото.
-Охрид се смета за културен центар само теоретски, но во реалниот живот и во секојдневието, културата како култура речиси и не постои или е многу малку застапена. Охрид културно живее само преку летото, кога доѓаат луѓе однадвор и креираат културна програма, вели охридскиот писател и фотограф Мишо Јузмески, од Културно информативниот центар „Култура 365“, кој со низа проекти и настани се труди да го подигне културното ниво на Охрид.
Тој смета дека освен малиот број на културни настани, во Охрид многу малку се создава и во делот на издаваштвото.
-Бидејќи сум вклучен во делот на литературата може да кажам дека во Охрид многу малку се создава на литературен план и многу малку се твори. Причината за ова, според мене е тоа што со години наназад, надлежните институции од областа на културата немаат доволно слух за културните поединци, кои творат самостојно и речиси воопшто не се издвојуваат средства за алтернативниот и приватен културен сектор, без оглед на квалитетот, појаснува Јузмески.
Според него потребна е нова законска регулатива со која ќе се оценуваат резултатите од работењето на државните институции од областа на културата, односно колку културните настани рализирале и колку истите биле успешни.
Охридската поетеса Лидија Размоска, пак смета дека во Охрид треба да се работи и на подигање на свеста за посетување на културни настани.
-Тоа е особено важно кај младата публика. Тоа е маса која што не може сама да реши и затоа треба некој да ги насочи. Имаме одлични искуства со училиштата и наставниците кои сакаат да направат нешто добро за децата, па организираат посети на нашите културни активности. Самоиницијативно младите речиси никогаш не доаѓаат на културен настан, од едноставна причина што некој надлежен за нив, што ги има како деца и ученици не им создал навика да одат на културни настани. Децата секогаш учат по принципот на модел, бидејќи ако имаат некого од кого може да научат како да се однесуваат, тие тоа ќе го применат, смета Размоска, која исто така е дел од центарот „Култура 365“.
Освен во делот на културните настани, охриѓани не пројавуваат и голем интерес за купување на уметнички дела.
-Малиот интерес за купување на уметнички слики и скулптури, секако се должи на недостатокот на финансиски средства и лошата економска состојба во која моментално живеат граѓаните на Охрид. Со примањата кои што ги имаат, луѓето не можат да си ги задоволат своите основни животни потреби и ретко им остануваат средства кои би ги издвоиле за културно живеење, велат од една охридска галерија на уметнички слики.
Од таму потенцираат дека не постои човек кој не би сакал во својот дом да има убаво или уникатно уметничко дело, но прашање е дали и колку тоа може да си го дозволи.
Сличен е случајот и со купување на книги, кои во последно време стануваат своевиден луксуз.
-Порано луѓето правеа домашни библиотеки, но денес ретки се оние кои можат тоа да си го допуштат. Обично се купуваат книги кога има попусти или саемски распродажби, а оние кои редовно читаат, книгите најчесто ги позајмуваат од библиотеките, велат од охридските книжарници и потенцираат дека доколку не се подигне нивото на животниот стандард и економијата во Охрид, состојбата со културното живеење се повеќе ќе се влошува.
Е.М