Пратениците кои ќе го претставуваат Охрид, во новиот собраниски состав, треба да помислат и на земјоделците, кои од година во година егзистираат во се полоши услови. Ова е ставот на охриѓани кои се занимаваат со производство на земјоделски производи. Тие велат дека се оставени сами на себе и до сега ниедна власт не се заинтересирала за начинот на кој опстојува ова категорија на граѓани.
Градинарите кои своите производи ги пласираат на охридскиот пазар, се жалат дека годинава изгубиле многу средства поради забраната за продажба на расад и сeменски материјал на пазарот.
-Ние чесно работиме, се мачиме да си го извадиме лебот. Од државата до сега не сме побарале ништо, немаме земено ни субвенции ниту пак некаква помош. Единствено што бараме е да не ни воведуваат забрани за продавање на производи. Еве оваа пролет ни дадоа некакви налози односно решенија, со кои не смееме да продаваме расад на градинарските производи кои ги произведуваме, вели брачен пар од Охрид, кој го издржува своето семејство од производство и продажба на градинарски производи.
Според нив со оваа забрана ќе се намали квалитетот на домашните земјоделски производи, затоа што расаден материјал може да се купи само во земјоделските аптеки.
-Не може тука во охридско да се сеат сорти на пример на пиперки и домати, кои успеваат на почва во Струмица. Овде може да успеат само нашите домашни сорти, а луѓето кои си одгледуваат домашни бавчи, од годинава расадот не можат да го набават кај нас како порано, туку можат да го набават само во земјoделските аптеки или поголемите расадници, појаснуваат нашите соговорници, кои сметаат дека со оваа одлука надлежните им направиле голема штета, бидејќи иако веќе го посеале, расадот ќе им остане непродаден.
Од охридските живинарски фарми кои своите производи ги продаваат на тезги во пазарот се жалат дека немаат условите за работа.
-Откако се воведе Хасап системот тезгите ни ги внесоа во затворен простор, но и овде каде што сме нема услови според пропишаните стандарди. Околу една година сме тука и можеме да потенцираме дека прометот значително ни е опаднат. Голем дел од муштериите буквално не одминуваат и јајца купуваат по маркетите. Значи ние, локалните производители на јајца, не можеме да го продадеме својот производ во Охрид, за разлика од некои големи живинарски фарми од други градови, кои своите производи одлично ги пласираат во големите маркети низ градот, велат продавачите на јајца, со кои успеавме да поразговараме.
Млекопроизводителите од неколку охридски села велат дека не се многу задоволни од откупната цена на млекото, па затоа се трудат сами да произведуваат млечни производи.
-Имам четири крави, порано млекото го давав на откупувачите, но увидов дека така не можам да опстанам, не стигаа средства за да ги покријам трошоците. Сега се мачиме сами, произведуваме изварок и сирење, па го продавам директно на мои муштерии, не излегувам на пазар, бидејќи таму бараат разни стандарди, вели сточар, кој сакаше да остане анонимен.
Тој нагласува дека условите за помалите сточарите никогаш не биле полоши од сега.
-Јас цел живот се занимавам со сточарство, но никогаш не било вака како што е сега. Велат дека давале субвенции, но такви пари можат да добијат само големите сточари, за нас помалите буквално ништо не следува, се жали нашиот соговорник.
Во слична состојба се и охридските овоштари кои велат дека речиси секоја година имаат некаков проблем со откупот на јаболката.
–Државата треба да ни обезбеди сигурен пласман, а не како сега, секоја година да се плашиме дали ќе го продадеме она што ќе го произведеме, вели еден овоштар од охридското село Лакочерај.
Тој нагласува дека освен пласманот, државата треба да воведе ограничени мерки и за увозот на јаболка, кои прават конкуренција на домашното производство.
Е.М