Преголемата урбанизацијата на крајбрежјето, недоизградениот колекторски систем, несоодветното депонирање на отпадот и честите осцилации со нивото на езерската вода, се дел од еколошките проблеми кои го мачат Охрид и Охридското Езеро. Ова е ставот на охриѓани и екологистите, кои ги запрашавме -„За што треба да се залагаат новите охридски пратеници, во делот на заштитата на животната средина“.
Поголемиот дел од соговорниците со кои разговаравме сметаат дека мора да се преземат сериозни мерки, езерото и околината да не ги изгубат сите свои природни квалитети, по кои се единствени во светот.
-Иако постојано се потенцира дека Охридското Езеро е најзначаен воден екосистем во Европа, еден од најзначајните водени екосистеми во светот и веќе 34 години е на листата на УНЕСКО, надлежните сеуште не се свесни за неговото значење и не преземаат соодветни мерки за неговата заштита. Преголемата урбанизација на крајбрежјето е проблем кој сериозно може да ја наруши неговата природна функција и негативно да влијае врз ендемската флора и фауна, вели охриѓанец, кој е на студии поврзани со екологијата и заштитата на животната средина.
Граѓаните кои живеат близу крајбрежјето сметаат дека за да се заштити езерото потребна е рехабилитација и доизградба на колекторскиот систем.
-Состојбата со колекторот е најлоша во нашава населба. Во зима не е толку страшно, но во лето се шири многу непријатен мирис. На поранешната градска плажа никој не доаѓа да се капе во текот на летната сезона, а и ние одиме на други плажи, велат дел од жителите на населбата Воска. Тие стравуваат дека отпадните води, кои се прелеваат во езерото може да им донесат заразни болести.
Охридските екологисти сметаат дека покрај недоизградениот и нефункционален колекторски систем, сливот на Охридското Езеро се соочува и со уште неколку болни точки и проблеми, помеѓу кои е и потребата од изградба на регионална депонија.
-Управувањето со отпадот е еден од најсериозните еколошки предизвици за нашиот регион, односно политиката на управување со отпадот, почитувањето на Законите за управување со отпадот, поврзано со селектирање, рециклирање и постојки за изработка на отпадот. Сметам дека тоа е она што треба да се направи како приоритет, бидејќи отпадот се поврзува со загадување на водите. Овој проблем бара навистина голема инвестиција, но тоа е поврзано со сите оние македонски и европски регулативи и директиви, кои се однесуваат на заштита на водата и почвата, вели Ѓоко Зороски, од Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид.
Според него потребно е да издвојуваат и повеќе средства за подигање на јавната свест во делот на екологијата, бидејќи само така би имало долгорочни ефекти.
Научните работници кој работеле на истражувања за Охридското Езеро, сматаат дека голема штета врз екосистемот претставува и тоа што езерото веќе долги години се користи како акумулација за производство на електрична енергија, а од таа причина во последните неколку години е евидентирано нагло спуштање или подигнување на езерското ниво.
-Секое манипулирање со езерото претставува катастрофа или можност за катастрофа бидејќи ова езеро е познато пред се поради живиот свет што живее во него, така што во ниту еден момент не би требало да имаме нагли спуштања на новото на водата и да имаме нагли испуштања на водата, бидејќи на тој начин се оштетува екосистемот. Тоа што дел од флората и од фауната останува на суво, многубројни видови можат да бидат загрозени или во најлош случај да исчезнат, велат професори од Природно-математичкито факултет од Скопје.
Според нив голема опасност по езерскиот екосистем претставуваат и многубројните пловни објекти што секојдневно се движат по езерото.
Е.М












