Предлог – програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Охрид за 2018 година, ќе се најде на дневен ред на 10-та седница на Советот, што ќе се одржи денеска во 11 часот.

Охридскиот угостителски еснаф бара повлекување на оваа точка, бидејќи угостителите не биле консултирани при изготвувањето на програмата. Велат дека програмата предвидува нови, повисоки тарифи за поставување урбана опрема на јавни површини до 60 проценти, што според нив, негативно ќе се одрази на нивното работење, но и на буџетот на општината бидејќи ќе се намали времетраењето на закупот. Предлагаат најпрвин да се одржи состанок со угостителите и да се чуе нивното мислење, а потоа програмата да оди на усвојување во советот.

Инаку, советниците на денешната седница ќе расправаат и за предлог одлуките за спроведување мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, формирање штаб за заштита и спасување, за одобрување финансиски средства за материјално-финансиска поддршка на спортски клубови на подрачјето на општина Охрид за 2018 година, како и за Предлог–одлуката за препрогласување на чинарите во поширокото градско подрачје во општина Охрид и кочеџикот во дворот на црквата „Св.Богородица Перивлепта“ за споменик на природата.

На дневен ред на седницата ќе бидат и предлог одлуките за разрешување и именување членови во управните одбори на основните и средни училишта и детската градинка „Јасна Ристеска“.

OhridNews