Најновото предлог техничко решение за регионалната инфраструктура предвидува изградба на една регионална санитарна депонија за двата региони, лоцирана во село Добрашинци, општина Новаци и претоварни станици во Дебар, Охрид, Кичево, Битола и Прилеп. Со ова дефинитивно се напушта претходниот регионален концепт за изградба и се оди на меѓурегионален концепт за воспоставување на систем за управување со отпад. Ова било заклучокот од средбата на градоначалниците од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион по средбата со Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, информираше градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески.
Сакам да изразам голема благодарност до сите граѓани на Дебрца, Координативното тело и до сите пријатели на Дебрца ,кои во изминатите 4 години ги поддржуваа нашите активности аргументирано да докажеме дека претходниот концепт беше еколошки неприфатлив и дека локацијата за регионалната постројка за управување со отпад треба да се бара надвор не само од Дебрца, туку и од целото сливно подрачје на Охридското Езеро. Изразувам задоволство што конечно и Министерството за животна средина ги прифати тие аргументи и започнува со воспоставување на нов концепт за меѓурегионално управување со отпад, напиша Градоначалникот Ногачески по денешната средба.
Средствата за воспоставување на меѓурегионален концепт за воспоставување систем за управување со отпад се планира да бидат обезбедени од државата и тоа со заем од ЕБОР и грант од програмата за Западен Балкан на ЕУ (Western Balkan Investment Framework), информира Ногачески.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање, велат дека градоначалниците на средбата на која се презентираа идните активности кои се однесуваат на воспоставување на систем за управување со отпад, изразиле подготвеност за соработка со оглед на тоа дека решавањето на проблемот со управување со отпадот е високо поставен во нивните агенди.
Фокусот беше не само на информирањето на градоначалниците за статусот на проектот за кој по изработената студија од ЕБРД е добиен позитивен одговор на барањето од Владата за започнување на постапката за добивање на кредит за изградба на системот, туку и да се слушнат нивните мислења, да се обезбеди поддршака на процесот и да се мобилизираат расположивите ресурси заради поголема ефикаснот во имплементацијата, велат од МЖСПП.
OhridNews













