Продолжуваат активностите за осовременување на наставната програма по техничко образование во основните училишта низ Македонија.

Основното училиште “Григор Прличев” е меѓу првите 40 во земјава кои во рамки на проектот на УСАИД-ПЕП за опремување на кабинетите по Техничко образование добија современа лабораторија за изведување на наставата.

Резултатите од примената на новиот начин на изведување на наставата е веќе очигледен. Учениците со се поголем интерес за посетување на наставата по овој предмет.

Сега е многу поразличен начинот на работа на часовите. Претходно наставникот предаваше, а ние само слушавме. Сега и активно сме вклучени во изработка на проектите, вели осмоодделенката Марија Таштаноска.


Користиме компјутери, разни други современи помагала и часовите се многу поинтересни. Можам да кажам дека предметот многу повеќе го засакавме и стана еден од најомилените меѓу учениците, додава Боби Целески, ученик во осмо одделение.

Од Бирото за развој на образованието нагласуваат дека активностите за модернизирање на наставната програма по техничко образование продолжуваат и со опремување на останатите основни училишта во Македонија, за што е потребна подршка и од локалните самоуправи и од директорите на училиштата.


Во идниот период и останатите училишта ќе добијат контролни управувачки уреди, едукативни роботи и сета останата опрема со која ќе се осовремени наставата. Воедно следуваат и обуки за наставниците од техничко образование , кои потоа ќе можат своите вештини за употреба на современата технологија при изработката на проектите да им ги пренесат на своите ученици, објаснува Софка Коцева, Советник во Бирото за развој на образование.


Денес, во ОУ “Григор Прличев”, се одржа Регионална средба со директорите на основните училишта и претставниците од локалните самоуправи од Охрид, Струга, Дебар и Кичево на кои им беа претставени придобивките од проектот за осовременување на наставната програма по техничко образование.

OhridNews