Непосредно пред Нова година, на 27-ми декември во „Cuba Libre Beach & bar“, за прв пат, ќе се одржи евергрин вечер “Враќање во минатото” на која ќе бидат исполнети музички хитови изведени во периодод од 1950 – 1980 година. На репертоарот ќе се најдат безвременските хитови отпеани од Frank Sinatra, Elvis Presley, Dean Martin и други, и секако нашите најголеми македонски евергрини на Славе Димитров, Зафир Хаџиманов, Маја Оџаклиевска, Нина Спирова и многу други.

Песните ќе ги изведе Петар Маркоски Quartet во кој членуваат Петар Маркоски – вокал, Проф. Емилија Маринова – пиано, Филип Стојковски ( Зизи ) – тапани и Илија Волкан – бас гитара, а за добро расположение и ќе се погрижи познатиот стендап комичар Никола Тодорски со оригинален сет специјално подготвен за оваа пригода.

-Се надевам дека овој настан во кој пред се е вложена голема љубов, ќе успее да ја идентификува и долови прекрасната мелодичност и исклучителните уметнички текстови на песните од минатите генерации, кои имаат свој идентификациски код. Сублимирајќи и трансформирајќи ја нивната моќ од минатото во сегашниот модерен начин со брзо темпо на живот, многу луѓе ќе ја откријат својата подзадскриена и подзаборавена љубов и ќе доживеат емоционална средба со младоста. – изјави музичкиот уметник Петар Маркоски. 

Гостите кои ќе присуствуваат на овој исклучителен културен настан треба да испочитуваат „dress code“, односно да се појават во елегантно издание.

Спонзори на настанот се локалот Cuba Libre Beach, печатница Графокомерц, La donna, бутици “Emilly” и Студио “Арс Нова”, а медиумски покровител е OhridNews.

OhridNews