Денеска во ресторанот на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, локалната самоуправа во соработка со општинскиот Црвен крст организира свечен предновогодишен ручек за социјално-ранливите категории граѓани од Охрид.
Како што истакна претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, целта на овој настан е да им се овозможат мигови на релаксација на оваа категорија граѓани, односно за миг да се отргнат од секојдневните проблеми со кои се соочуваат.
„Во очи на празниците кои доаѓаат, локалната самоуправа се придружува на напорите кои ги прави Црвениот крст од Охрид, овој пат со поддршка на средното угостителско училиште, да им овозможиме мигови на релаксација, разонода и среќа на социјално ранливите категории, со организирање на еден заеднички ручек на којшто имавме можност да се дружиме, а на којшто беше присутен и „Дедо Мраз“, фигура која е симбол на овој празник и лик кое секое дете го очекува. Поделивме пакетичиња и упативме желби за добро здравје, за многу среќа и за решавање на сите проблеми во наредната година.“ – истакна Коњановска.
Претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков, потенцира дека овој настан претставува продолжување на традицијата започната во 2010 година.
„Благодарност до локалната самоуправа за нејзиниот сенс и слух да помогнат во реализација на овој предновогодишен ручек, со цел да ги приближиме оние убави и празнични моменти на ранливата категорија луѓе од Охрид. Секако дека како Црвен крст, работиме со оваа категорија, односно со групите од социјално загрозените семејства. Благодарност и до средното училиште „Ванчо Питошески“, кое вложи напори за да го направи овој ручек вкусен и сето ова да изгледа празнично.“ – потенцира Точков.
Тој испрати апел до фирмите и институциите од корпоративниот сектор, активно да се вклучат во хуманите активности кои ќе бидат реализирани во текот на јануари 2014 година.
„Апелираме до фирмите и институциите од корпоративниот сектор, во овие празници да можат повеќе да ја покажат својата хуманост и да се вклучат во активностите. Ги поканувам во текот на месец јануари, кога имаме голем број на активности кои се насочени токму кон поддршка на оваа категорија луѓе, да се обратат во Црвениот крст и заеднички да се организираме.“ – додаде Точков.
На настанот, покрај волонтерите од Црвениот крст Охрид и претставници од локалната самоуправа, присуствуваа и првите луѓе од јавните претпријатија кои поделија новогодишни пакетчиња на најмладите од социјално загрозените семејства.
OhridNews