Амбасадата на САД во земјава денеска објави предупредување за можен терористички напад на територија на нашата држава.

-Постои зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија, во Северна Македонија. Терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичката идеологија имаат намера да изведат напад врз цивили, вклучувајќи и државјаните на САД во странство. Терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи за таргетирање на групи луѓе на јавни места, вклучително и со користење на пиштоли, возила и остри предмети. Терористичките напади и други безбедносни инциденти често се случуваат без никакво предупредување, а граѓаните на САД треба да одржуваат високо ниво на претпазливост.  Екстремистите повеќе се стремат кон напади врз “меки цели”, како што се: трговски центри, пазари, аеродроми, хотели, клубови,ресторани, верски објекти, училишта, паркови и јавни настани како спортски натпревари, политички митинзи, демонстрации, празници, славенички собири итн. – соопшти амбасадата на САД во Скопје.

Претходно Министерството за внатрешни работи информираше дека по разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведени се оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот.

-Со цел попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад. Министерството за внатрешни работи продолжува да спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на безбедноста на граѓаните. – соопшти МВР.

OhridNews