Преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но се уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали, велат од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајаќи дека се разговара и за ресори.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вчера изјави дека се внимава и на персоналните решенија кои што се нудат во коалициските преговори, при што, како што рече, истите не треба да бидат ниту компромитирани на било кој начин и да се посветени кон работата и реформите кои што ќе следат.
Тој, исто така, напомена дека преговарачкиот процес се базира на принципи – на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и потребата од одредени реформи за забрзан економски разво.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски Струга порача дека новата влада ќе промовира и застапува единство и обединување на креативниот и прогресивен потенцијал. Неговата цел, нагласи дека е надминување на сите поделби, победа на омразата и апсолутна и неселективна одговорност.
Во просториите на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ синоќа, како што информираа од партијата, се одржала средба за соработка на работните групи на Движењето ЗНАМ и на ВМРО –ДПМНЕ, на која се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.
Од страна на Движењето ЗНАМ на средбата присустувале генералниот секретар, Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и генерал Павле Арсоски, додека од стран ана ВРМРО-ДПМНЕ, потпреседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, својата платформа ја темели на идеолошките столбови на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена на илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската унија на достоинствен начин; потоа Република Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција; Македонија како самоодржлива држава која ќе произведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи, се вели во соопштението од ЗНАМ.
ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.
За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

На состанокот присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. На состанокот присуствувале и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.
OhridNews












