Нема договор меѓу партиите за измените на изборното законодавство, откако преговорите запнаа заради предложениот закон за забрана за објавување на прислушуваните разговори, кој го предложија владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Преговорите треба да продолжат и денеска, ако Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ го повлечат законот за прислушуваните материјали и го вратат на доработка, како што побарала СДСМ со поддршка на амбасадорите за да се заштитат т.н. „свиркачи“. Владејачките партии прифатиле да бараат начин за надминување на новата криза во преговорите, а по консултациите со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, отфрлена е можноста тој да не го стави на дневен ред предложениот закон, затоа што веќе го испратил до пратениците.

Доцна во ноќта требаше да се отворат темите поврзани со Изборниот законик, затоа што рокот за договор околу гласањето на дијаспората, прочистувањето на Избирачкиот список, одлучувањето по жалби, медиумското спонзорство на партиите и другите проблематични точки во изборниот процес, истече синоќа на полноќ.

Предлозите на странците се да се укине гласањето на дијаспората, теренски да се попишуваат гласачите, медиумите и трети лица да не можат да бидат донатори во изборните кампањи, како и зголемување на надлежностите на Агенцијата за аудиовизуелни услуги и на Државната изборна комисија кои е однесуваат на казните за медиумите. Предлогот на странците за укинување на гласањето на дијаспората се совпаѓа со барањето на опозицијата и претставува предлог кој би бил на сила сè додека не се договори според Уставот, гласовите од дијаспората да имаат еднаква вредности со оние гласови на граѓаните во земјава.

Пред почетокот на средбата, експертот Ванхауте изрази надеж дека најдоцна до раните утрински часови договор ќе биде постигнат.

Ванхауте пред почетокот на вчерашната средба во вторник го пречекаа претставнички на невладиното „Женско лоби“, кои му доставија документи со барање до сите учесници во преговорите за зголемување на квотата на жените во Изборниот законик од сегашните 33 отсто на 40 отсто.

OhridNews

извор Макфакс