Петрески појасни дека до крајот на неделава на вработените ќе им биде исплатена заостанатата плата, а јавните претпријатија и општината меѓусебно ќе ги подмират обврските. Тој најави дека локалната самоуправа заедно со менаџерските тимови на јавните претпријатија ќе ги превземе сите потребни мерки со цел во иднина да нема вакви проблеми кои се манифестираат со незадоволство на работниците.
Петрески смета дека штрајкот на вработените во Нискоградба можел да се избегне, бидејќи според него немало потреба на таков начин работниците да ги бараат платите кои им се должат, затоа што и општината и менаџерските тимови на претпријатијата се свесни дека проблемот постои.
Според Петрески, проблемите во охридските јавни претпријатија се еднакви како и во сите други јавни претпријатија во земјава, посочувајќи дека општина Охрид веќе 5 години нема извршено корекција на цените на услугите на јавните претпријатија, пред се на водата, иако во меѓувреме дојде до поскапување на нејзината цена во другите општини, а земјата ја зафати светската економска криза.