По само час и половина, прекината 50- та седница на која на дневен ред беа предвидени 18 точки на дневен ред.

Најголемиот дел од расправата се однесуваше на првата точка, за извештајот за остварување на буџетот за периодот од 1- ви јануари до 30 јуни 2012.

Според советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, начинот на спроведувањето на буџетот во првата половина од годинава е доказ дека локалната власт, Охрид го гледа само од аспект на интереси на одделени групи, а не на граѓаните.

–    Никако поинаку не можеме да го разбереме фактот дека 14 милиони денари од ставката за јавна чистота предвидени за цела година,  на половина од годината се потрошени без да има реални резултати од тоа. Спротивно на тоа, сите оние средства за реализација на проекти кои се од интерес на сите граѓани како водоснабдителни системи, улици, патишта и нивно санирање, се со искористеност од 6 до 13%. За тоа не е објаснување ниту временската состојба, ниту лажните блокади, единствено тоталната незаинтересираност на локалната власт  за реалните проблеми на граѓаните, изјави координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.

Според советниците од СДСМ, ваквите критики се лична, субјективна партиска перцепција од страна на ВМРО- ДПМНЕ .

–    Не слушнавме релевантна критика за реализацијата на буџетот. Имаше за буџетот, но тоа се дискутира кога се носи на почеток на годината, односно на крајот. Навикнати сме за секоја предлог одлука, која се однесува на извештајот за реализација на буџет да слушаме паушални субјективни оценки за состојбите, што нема врска со реализацијата и затоа не сакавме да влегуваме во дискусија која би одела во недоглед. Од она што го видовме како бројки и факти сметаме дека се работи за логично очекувана реализација на буџетот, особено во ваква состојба на само формална децентрализација на власта, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Советот  го усвои и извештајот за  работењето на Одделението  за даноци за првата половина од годината. По расправата за третата точка на дневен ред, околу  Извештајот  за работењето на Одделението за комунални такси за периодот   од 01.01. до 30.06. 2012 година, седницата беше прекината.

Продолжението на седницата е закажано за 31.07.2012 година (Вторник) со почеток во 13 часот.

Т. Кувенџиска