Прекината јавната расправа по Нацрт Законот за прогласување на Студенчишкото Блато за парк на природата. Граѓани и сите засегнати кои дојдоа да учествуваат во јавната расправа, уште на почетокот на обраќањето на  Директорот на управата за животна средина Хисен Џемаили, ја напуштија салата. Велат немало услови за одржување на јавната расправа, ниту да се слуша on-line расправата, ниту да се дискутира.

Митко Петроски, адвокат ополномештен и овластен од повеќе сопственици на имоти во Студенчишко блато, вели дека овој потег на изготвувачот е избрзан и самото тоа што тие барале одлагање кое не било прифатено, води кон тоа дека на мала врата се сака да се протурка нешто. Од кои лични интереси не ни е познато. Меѓутоа, со ваквиот Закон се задира пред се во Уставното право на сопственост на група на граѓани, додава Петроски.

Тоа што не ни се даде време да се подготвиме како граѓани, а пред се и како сопственици, тоа ни дава за право да мислиме дека сепак се сака избрзано да се донесе ваквиот закон. Сакаме да сме кооперативни, сакаме да се заштити Студенчишко блато, но само Студенчишко блато, а не и отпадот кој вештачки е направен со ваквиот закон. И не е блато, туку е приватен имот години наназад со кој се стопанисува. Истото не може, ниту било блато, вели Петроски.

Петроски уште бара и да се земе предвид тоа што во 50 тите години од минатиот век блатото намерно е исушено поради  епидемија на маларија и прашува дали со предложената заштита на Студенчишкото блато евентуално повторно може да се појави тој проблем, за што бара да се произнесат стручни лица.

Претставници од општината кои беа присутни на распрвата велат дека тенденциозно била прекината јавната расправа.

Од Министерството за животна средина пак велат дека во интерес на засегнатите страни, можеби и подобро решение е што јавната расправа се одложи сега за сега.

Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, овој локалитет, номиниран за водно живалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција, од неодамна со одлука на министерот за животна средина и просторно планирање, а согласно Законот за заштита на природата, е под привремена заштита. Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје.

Студенчишко Блато има особено значење поради хидролошките и геоморфолошките карактеристики, составот на почвите и изобилува со богат екосистем во кој егзистираат ретки и ендемични растенија и животни. Тоа е природно живеалиште на бројни видови птици и друг жив свет. Овој локалитет припаѓа на Субмедитеранско-континентален езерски предел. Од природните и полуприродните хабитати се среќаваат алкални блата, мочуришта и влажни ливади, а од антропогените: овоштарници, ниви и градини. На овој простор има и голем број приватни имоти на граѓани.

Н.С.Ј.