Поради технички проблем за пренос на седницата, Советот на Општина Охрид ја прекина седницата и не расправаше и гласаше по предлог одлуките за легализација на бесправно изградените објекти на потегот долж Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“.
По однос на наводите од Охрид СОС, дека на денешната седница треба да се одлучува за легализација на дивоградби, од кои некои во непосредна близина на Охридско Езеро и во Националниот парк Галичица, што би значело дека советот ќе легализира објекти спротивно на Одлуката која самиот ја донел пред еден месец, секретарот на Општина Охрид, Александар Китески со став дека предметите за легализација на бесправо изградените објекти кои се доставуваат до Советниците се согласно Законот и Согласно планот за управување со културното и природно наследство на Охридскиот регион, рече Китески.
Сите предмети кои се изработени од страна на општинската администрација и доставени до Советот за да одлучува по истите се водат согласно Законот за изградба на бесправно изградените објекти и се во согласност и со претходно донесената Одлука од страна на Советот каде се вели дека нема да се поминуваат на Совет предмети кои се 50 метри до крајбрежен појас. Такви предмети ниту се доставиле претходно, ниту на оваа седница беа доставени. За сите предмети кои се во Националниот парк имаме позитивно мислење и од Националниот парк Галичица и од Министерство за животна средина, рече Китески.
Од страна на Комисиите констатирани се на лице место бесправно изградени објекти и од страна на архитектите утврдено е дека истите се надвор од зоната 50 метри, додаде Китески.
Претходно, беше побарано од страна на советничката Живка Ангелоска да се направи пауза за координација бидејќи како што рече легализациите за еден советник се најсериозни точки.
Предлагам да направиме пауза и координација за точките кои се однесуваат на легализации во Коњско, Лубаништа, Пешатни и Велестово. Не преудицирам дека не треба да бидат донесени Одлуките, но уште еднаш заедно со службите и координаторите да заземе став по однос на овие точки. Имајќи ја предвид ситуацијата со УНЕСКО, навистина се сериозни и не треба да се брза со вакви точки, рече Ангелоска.
Советничката, пак, од Левица, Виолета Аврамоска побара повлекување на пет точки од дневниот ред од кои четири за легализации на бесправно изградени објекти во КО Охрид и една во КО Трпејца.
Немавме графичка презентација, ни беше само нешто објаснето, што според мене не беше во ред, барав графичка презентација за да можам да одлучам. Доколку не бидат повлечени ќе гласам против овие точки, рече Аврамоска.
Китески објасни дека од страна на Секторот за урбанизам, биле доставени графички презентации како материјали, а предложи и да се направи презентација и на самата седница.
Седницата сепак беше прекината по однос на точките на дневниот ред што се однесуваа на легализација на бесправно изградените објекти и се очекува во наредниот период да биде продолжена истата.
Н.С.Ј.















